Адвокатската комора на Република Македонија и Американската адвокатска комора во наредниот период ќе ја продолжат својата успешна соработка, односно ќе продолжат заеднички да организираат обуки за адвокати за новиот Закон за кривична постапка, со цел колку што е можно поголем број на адвокати да бидат опфатени со обуките и подобро да се подготват за примената на новиот Закон за кривична постапка од 1 декември 2013 година. Со ова, се разбира, ќе се придонесе и кон целокупната успешна имплементација на новиот Закон за кривична постапка, кога истиот ќе стапи во примена.

Како што сте веќе информирани, обуките ги држат домашни и странски експерти и истите опфаќаат основни судски вештини, со посебен акцент на учење на практичните вештини. Имено, ќе бидат објаснети релевантните делови од новиот Закон за кривична постапка и основните судски вештини. Овие вештини вклучуваат како и кога да се пристапи кон спогодување за вина, што е целта на воведниот говор, односно што претставува и како изгледа директното и вкрстеното испитување. На крајот на обуката ќе бидат доделени сертификати од Адвокатската комора на Република Македонија и Американската адвокатска комора.

Овие обуки се отворени за сите заинтересирани адвокати и се бесплатни. Предвидено е на една обука да земат учество најмногу 20 адвокати, со цел на секој учесник да му се даде можност да ја вежба секоја вештина посебно и да биде оценет од страна на експертите.

Следната обука за новиот ЗКП е закажана за следниот термин:

 

4 октомври6 октомври 2013 година

Обуката ќе се одржи во Скопје во “Клуб на новинари“ и тоа за време на викенд, односно во петок и сабота  обуката се состои од целодневна настава почнувајќи од 10.00 до 17.00 часот, а ќе заврши во недела во 14.00 часот, со доделување на сертификатите. Трошоците за патување и сместување нема да бидат покриени. Исто така, оние адвокати кои нема да го поминат основниот курс, нема да може да учествуваат на подоцнежните напредни обуки. односно се работи за специјализирани обуки коишто се веќе во тек. Имено, во тек се обуки од областа на форензиката и притворот пред судење, а понатаму се планира организација и на друг тип на специјализирани обуки.

Рокот за регистрација на заинтересираните адвокати за горенаведените обуки е до 1 октомври 2013 година и истите своето учество можат да го пријават на следните е-маил адреси: ristik@abaroli.mk или lawyermk@mba.org.mk. Ве молиме при регистрацијата да ги наведете Вашите контакт податоци (име и презиме, адреса, телефон, е-маил адреса) и задолжително наведете ја обуката за која се пријавувате (датумот на одржување на конкретната обука). Оние адвокати кои ќе се пријават ќе добијат писмена потврда по електронски пат, заедно со сите потребни информации во врска со обуката. Како и до сега, учесниците ќе бидат прифаќани врз основа на принципот: прв пријавен – прв услужен.