Почитувани колеги,

Согласно законските прописи, во сите Апелациони и основни судови во Република Македонија се воведе системот за електронска достава на судски документи, чија примена е задолжителна за сите. Со цел олеснување на постапката за Ваша регистрација и натамошна примена на системот за електронска достава во прилог е појаснување на потребните активности.

За да можете да извршите Ваша регистрација во системот на електронска достава, првиот неопходен чекор е да набавите дигитален сертификат. Дигиталниот сертификат можете да го набавите во КИБС АД Скопје (подетални информации на нивната веб страна http://www.kibs.com.mk) или во сите експозитури на следните банки :

–          Шпаркасе Банка АД Скопје

–          НЛБ Тутунска Банка АД Скопје

–          Уни Банка АД Скопје

–          Еуростандард Банка АД Скопје

–          Стопанска Банка АД Битола

Истовремено дигитален сертификат може да се набави и во експозитурите на Централниот Регистар на РМ и на Т-Хоме.

По завршувањето на постапката за набавка на дигитален сертификат, адвокатот треба да се регистрира директно на веб страната www.edostava.sud.mk, преку кликнување на опцијата РЕГИСТРИРАЈ СЕ на почетната страна. Притоа се избира каков вид корисник се регистрира (адвокат, правно лице, физичко лице, нотар итн.) а понатаму е потребно да ги  да ги пополните сите податоци и да определите оператор кој ќе работи на порталот. (Да напоменеме дека пополнувањето на полињата, конкретно при изборот на држава и град, истото треба да го направите преку дадениот избор со опаѓачко мени, а не со куцање, бидејќи во спротивно нема да биде прифатена регистрацијата).

На крај со кликнување на копчето  “ПОДНЕСИ” се потврдуваат внесените податоци и се испраќа барањето за регистрација.

Откако ќе се регистрирате на веб страната www.edostava.sud.mk, треба да се обратите до овластените лица во судовите во Република Македонија, каде ќе поднесете уредно пополнети и потпишани:

–        Барање за регистрација на електронско сандаче (во прилог)

-        Доказ за вршење на дејност (копија од решение или тековна состојба од ЦРМ)

Судот ја одобрува регистрацијата и користењето на системот за електронска достава, и по обработката на доставените документи, испраќа известување до доставената е-маил адреса дека барањето е одобрено.

Се додека барањето за регистрација не е одобрено, корисникот не може да се најави на порталот за да поднесува и добива документи во електронски формат.

Откако ќе добие потврда дека Барањето за регистрација е одобрено од судот, адвокатот треба да се најави на веб порталот www.edostava.sud.mk со корисничко име и лозинка кои самиот ги избрал и единствено тој ги знае.

Адвокатот преку доставената е-маил адреса ќе добива нотификација за пристигнат судски документ од страна на Судот во неговото електронско сандаче (е-маил), која услуга е бесплатна. Доколку адвокатот е согласен покрај известувањата на е-маил, да добива и нотификација преку смс пораки за која услуга се плаќа одреден надомест, мора да наведе дека се согласува при регистрацијата на веб страната.

По добиената нотификација тој треба да се најави на веб страната www.edostava.sud.mk со негово корисничко име и лозинка и кликнување на копчето “НАЈАВИ СЕ”, како би можел пристигнатиот судски документ да го испечати. По кликнувањето на копчето “НАЈАВИ СЕ”, се прикажува прозорец каде што корисникот треба да го избере дигиталниот сертификат што го користи за апликацијата и да кликне на копчето “ОК”, со што постапката за најава е завршена и можете да пристапите до главното мени.

Колеги, повторно нагласуваме во најскоро време да се регистрирате како корисници на системот за електронска достава, согласно законските прописи.

Во прилог на овој текст повторно ги објавуваме

-         Општи услови за користење на системот за електронска достава на судски документи

-         Барање за регистрација на електронско сандаче

-         Упатство за регистрирање на нов корисник                  

           http://www.edostava.sud.mk/resources/help/upatstvo_novkorisnik.pdf

-         Табела на лица – оператори за одобрување на регистрација